Завршен процесот на ажурирање на бели, сиви и црни зони во државата и процесот на мапирање на користењето на услугата пристап до бродбенд

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) во рамките на 22-та седница  одржана на 28 јануари 2021 година, дискутираше за финализацијата на ажурирањето на белите, сивите и црните зони во државата, како и користењето на услугата пристап до бродбенд на ниво на населено место (од аспект на брзина и технологија), на ниво на цела држава.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, истакна дека двата процеса силно влијаат за понатамошна имплементација на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП), а истовремено се битен предуслов за започнување на Студијата за изводливост за изградба на Националната оптичка транспортна мрежа (НОТМ).

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, информираше дека процесот на мапирање на бели сиви и црни зони е завршен, како и дека согласно добиените податоци бројот на домаќинства во белите зони е намален што е оптимистички податок.

Во однос на процесот на мапирање на користењето на услугата пристап до бродбенд на ниво на населено место (од аспект на брзина и технологија) на ниво на цела држава, тој истакна дека податоците добиени од страна на операторите не се стандардизирани и дека е потребно повеќе време за нивна анализа и обработка, но дека нивниот процент е доста висок. Операторите ќе треба да продолжат со процесот на  пополнување на атрибутни податоци за мрежите, со цел добивање јасна слика околу техничките параметри на мрежите кои ги користат и поседуваат операторите.