Дискусија за Информацијата за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини

На 30-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), одржана на 17 јуни 2021 година, се дискутираше за Информацијата за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини, согласно Програма за работа на Влада за 2021 година.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, информира за средбата со министерот и заменик министерот на МИОА на која било истакнато дека фокус во обезбедувањето бесплатен државен WiFi треба да биде ставен на развој на туризмот и поттикнување на користење на бродбендот од страна на граѓаните во белите зони.

Членовите на НКБК Атанас Мишев и Славица Настеска ја истакнаа неопходноста од континуирана координација помеѓу МИОА, НКБК и ЈП МРД околу имплементацијата на овој сложен и обемен проект на територијата на цела држава, и дека при подготовката на Информацијата потребно е да се земат предвид усвоените  Препораки на НКБК за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини.

Зоран Дервишов ја истакна потребата од поголема флексибилност во поврзувањето на WiFi точките, и тоа дека Студијата за изводливост за изградба на НТОМ ќе треба да даде одговор кои  WiFi точки од страна на ЈП МРД ќе треба бидат поврзани на НТОМ. Еден од критериумите треба да биде дали постојат слободни државни оптички влакна/кабелска канализација до локациите на WiFi точките. Тој додаде дека потребно е да се направи ревизија на предложените WiFi точки доставени од страна на единиците на локалнита самоуправа во 2019 година.