Подготовка на мислење за Правилникот за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства

На 33-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), одржана на 25 август 2021 година, покрај другите точки членовите на телото дискутираа и за Правилникот за измени и дополнувања на правилникот за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства, за кој НКБК треба да даде експертско мислење. Документот е подготвен од Агенцијата за електронски комуникации и согласно ЗЕК треба да отвори јавна расправа во текот на која сите заинтересирани страни треба да достават свое мислење, забелешки и коментари.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, истакна дека е за поздравување што АЕК во телото препознава експертски состав со кој може да продолжи веќе воспоставената соработка во областа на бродбенд мрежите. Сите членови на НКБК се согласија дека Правилникот за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства е од особено значење за развојот на бродбендот во државата, особено што со него треба да се имплементира Директивата за намалување на трошоците за развој на бродбенд мрежи на Европската Комисија како би се намалиле трошоците за инвестиции во бродбенд мрежите. На седницата беше заклучено дека НКБК и АЕК на заеднички состанок на техничко ниво ќе  дискутираат за предложените измени во Правилникот.

Исто така, Буковалов информира дека на барање на кабинетот на премиерот на Владата на, НКБК како експертско тело е вклучено во подготовката на Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, како суштински закон за имплементација на ИКТ стратегијата што исто така е во подготовка.