Дискусија за Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП)

Во рамките на 17-та седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), која се одржа на 3 декември 2020 година, телото донесе одлука за доставување предлог амандман до министерот за информатичко општество и администрација за измена во Законот за Национална инфраструктура на просторни податоци.

Измените треба да овозможат збирките на податоците да бидат бесплатни за користење на сите јавни институции кои се вклучени во имплементација на владини политики/стратегии.

Членот на НКБК, Славица Настеска, истакна дека измените на Законот за НИПП, пред се треба да обезбедат пристап до геопорталот НИПП за Агенцијата за електронски комуникации и Македонската радиодифузија.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, оцени дека корисно е да се воспостави поконкретна соработка со Агенцијата за катастар на недвижности од причина што тие располагаат со податоци кои би биле од корист во некоја наредна фаза на проектирање и градење на мрежата, согласно НОБП.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, соопшти дека наскоро Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) ќе овозможи презентација на геопорталот Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП).