Дискусија за можностите за соработка на НКБК и МОН во однос на учењето на далечина

Во рамките на 20-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), одржана на 25 декември 2020 година, акцент беше ставен на потенцијалните можности за соработка на НКБК со Министерството за образование и наука, од аспект на учењето на далечина во образованиот процес на учениците. За таа цел на седницата учествуваше и координаторот на Националната платформа за учење на далечина, д-р Александра Наќева Ружин.

Наќева Ружин информира дека обезбедувањето на дигиталната инфраструктура е круцијално за успешно спроведување на учењето од далечина. МОН е упатено на соработка со МИОА, па оттука споделувањето на сите податоци кои ги имаат двете министерства е во интерес на поефикасна дигитална инфраструктура, со цел успешно одвивање на процесот учење од далечина. Покрај ова, неопходна е соработка и со локалната самоуправа и градоначалниците, пред се во делот на поврзувањето со интернет.

Таа соопшти дека во Министерството за образование и наука се подготвува и нова Национална стратегија за дигитализација во образованието. Наќева Ружин навести дека голем дел од она што се нарекува дигитално образование, ќе продолжи и во периодот после пандемијата, што ќе биде уредено со стратегијата која се подготвува. Во таа насока, Наќева Ружин побара да и биде доставен НОБП како и Националната ИКТ стратегија.

Членот на НКБК, Анастас Мишев, од своја страна напомена дека доколку е неопходно и итно во наредниот период НКБК може да предложи пилот проекти за покривање на бели зони со цел подобрување на процесот на учење на далечина, па оттука од големо значење би била координацијата пред се со Министерството за образование и наука.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов напомена дека при подготовката на Студијата за изводливост за изградба на НТОМ од значење ќе бидат информациите и податоците за тоа во кои училишта учениците најмалку користат учење на далечина во државата, со цел тие области и училишта да имаат приоритет за покривањето/поврзување со бродбенд мрежи, односно со интернет. Согласно НОБП, целта е сите училишта да се поврзат со оптика, со што ќе се анулираат постоечките проблеми со слабите интернет конекции во образовните установи.