Разгледани активностите на НКБК за 2021 година, согласно владината програма за работа

Претстојните активности на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) во текот на 2021 година, согласно Програмата за работа на Владата, односно на МИОА беа тема на дискусија на 21-та седница на телото која се одржа online на 15 јануари 2021 год.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, истакна дека  НКБК особено треба да ги има предвид планираните иницијативи кои се однесуваат на : формирањето на Меѓуресорска група за усогласување на законски и подзаконски акти поврани со градење на електронски комуникациски мрежи, усвојувањето на Правила за поставување на кабелска канализација, формирањето на работна група за измена на Законот за електронски комуникации, усвојувањето на Правила за поставување на бесплатен државен WiFi, итн.

Во текот на седницата се разви дискусија околу наведените иницијативи, како и околу други иницијативи како составен дел на Програмата за работа на Владата односно на MIOA за 2021 година.

Покрај другото, членот на НКБК, Славица Настеска, информираше околу започнатата подготовка на Студијата за DESI индикаторите за државите од Западен Балкан, која треба да биде подготвена од страна на  консултант избран од страна на RCC во соработка со преставници од државите.

Околу двата започнати процеси на АЕК (ажурирање на зоните и мапирањето на услугата користење на бродбенд на ниво на населено место), Буковалов нагласи дека истите треба да завршат до крајот на овој јануари по што НКБК ќе  достави извештај до министерот за информатичко општество и администрација.