Работен состанок со директорот на ЈП Македонска радиодифузија

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) на 21 април 2022 година, одржа работен состанок со директорот на ЈП Македонска радиодифузија, Ендрин Кадриу. Претседателот на телото, Димитар Буковалов, го запозна Кадриу со досега преземените активности и постигнатите  резултати во спроведувањето на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП), како и улогата што ја има ЈП МРД во насока на исполнувањето на законските надлежности согласно НОБП и Законот за основање на ЈП Македонска радиодифузија.

Од своја страна, директорот Кадриу ги информира присутните со активностите на ЈП МРД во изминатиот период, како и остварените резултати на планот на бродбендот во земјата. Беше истакнато дека претпријатието и натаму ќе биде во тесна комуникација и соработка со НКБК, во насока на исполнување на законските надлежности и дејности, меѓу кои и изградбата на Националната транспортна оптичка мрежа (НТОМ).

На состанокот присуствуваше и Сања Фрковиќ Гелевска од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, која изрази поддршка за работењето на ЈП Македонска радиодифузија, при што беше договорено во наредниот период да се одржат работни состаноци на кои ќе се разгледаат можностите за соработка и помош од телата на ЕУ.