Конститутивна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК)

Во Министерството за информатичко општество и администрација на 25.10.2019 година, се одржа конститутивна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), формирана согласно Националниот оперативен бродбенд план (НОБП).

Канцеларијата е составена од претседател, како и шест члена избрани на јавен конкурс, експерти од областа на информациско-комуникациските технологии, кои имаат познавање од областа на бродбендот, на домашната и европската регулатива за електронски комуникации и за користење на државна помош за развој на бродбенд; потоа стратешко планирање, развој и работење со бродбенд мрежи; техничките решенија, инвестициските и бизнис модели, условите за избор на оператор, ценовната политика и користењето на апликации за планирање и дизајнирање на електронски комуникациски мрежи и географски информациски системи.

За претседател на комисијата е наименуван Димитар Буковалов, раководител на Секторот за комуникации при МИОА, додека за заменик претседател едногласно беше избран Анастас Мишев. На конститутивната седница беа доделени решенијата, со кои за членови на НКБК се именуваат: Анастас Мишев, Боро Јакимовски, Зоран Дервишов, Славица Настеска, Сашко Мукаетов и Имер Далипи.

Согласно дневниот ред беше усвоен Деловникот за работа на НКБК, со кој се прецизираат надлежностите на канцеларијата за бродбенд и начинот на нејзиното функционирање.