Претставници на Светска банка на втората седница на НКБК

Во рамките на втората седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност, одржана на 1 ноември 2019 година, се дискутираше за тековните активности во однос на техничката и финансиската помош која ја нудат од Светска банка за Националната транспортна оптичка мрежа (НТОМ).

Претставникот на Светска Банка, Наталија Гелвановска, истакна дека Банката е согласна со целите на проектот и дека за една година би биле подготвени да инвестираат.

Како што беше соопштено, во наредниот период Светска банка планира состаноци со оператори, со цел скрининг на состојбата и увид во однос на тоа како треба да се проектира и финансира мрежата и во колкав обем.

Во рамките на втората седница, се дискутираше и за улогата и надлежностите на идната Дигитална Агенција, за која информации сподели Ана Малцевa од МИОА. Агенцијата ќе се формира согласно Законот за мрежна и информациска безбедност, согласно НИС директивата на ЕУ. Малцева соопшти дека работната верзија на предлог законот веќе е поставена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде се очекуваат предлози и коментари.

Дигиталната агенција ќе биде надлежна за одговор на сајбер напади и ќе претставува единствена точка за контакт, која ќе комуницира со домашни и меѓународни тела од областа на сајбер безбедноста.

Од НКБК беше побарано да достави предлог текст за надлежностите на Дигиталната агенција во однос на поврзувањето на јавните институции и обезбедување на комуникациски услуги на истите.