Дискусија за Договорот за соработка со Израел во областа на електронските комуникации

Во рамките на 45-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) која се одржа на 21 април 2022 година, се дискутираше за предлог Договорот за соработка со Израел во областа на електронските комуникации и поштенските услуги. Членовите на НКБК, на седницата ги изнесоа своите забелешки за одредени членови од договорот, во насока на нивно појаснување и подобрување од аспект на надлежноста што ја имаат во областа на електронските комуникации.

Претседателот на експертското тело, Димитар Буковалов, истакна дека преку спроведување на договорот би се овозможило соработка,  модернизација, проширување и развој на електронските комуникации меѓу двете земји. Меѓу друго, ќе се воспоставуваат контакти помеѓу јавните и приватните субјекти, академските и истражувачките институти, корпорациите и другите релевантни организации, со цел да разговараат за научни и технички прашања поврзани со електронските комуникации и поштенските услуги.

Инаку, договорот е плод на неодамнешната посета на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити на Израел, кој треба да обезбеди размена на искуства и можности за идна соработка меѓу државите. Исто така, договорот е во насока на унапредување на трговската и техничката размена меѓу двете земји, како и за економскиот и социјалниот развој на државите.