Работна средба со министерот Алити и директорот на АЕК, Акику

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), на редовната седница одржана на 27 мај 2022 година, одржа работен состанок со министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акику.

Претседателот на телото, Димитар Буковалов, ги запозна министерот Алити и директорот Акику со работата и досега преземените активности на НКБК на планот на бродбендот. Министерот Алити од своја страна напомена дека Националната канцеларија за бродбенд компетентност е клучниот фактор во државата за спроведување на активностите кои произлегуваат од бродбенд стратегијата усвоена од владата. Оттука, во наредниот период се очекуваат забрзани активности за развој за широкопојасниот интернет во земјата.

Членовите на НКБК, Славица Настеска и Зоран Дервишов направија кратка презентација на измените на Методологијата за утврдување на Индексот на дигитална економија и општество DESI. Тие појаснија дека измените се усогласени со методологијата на Европската комисија за DESI 2021.

Измените на Методологијата за утврдување на Индексот на дигитална економија и општество DESI, едногласно беа усвоени од членовите на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК).