Состанок на НКБК со претставници на МЕПСО

Националната канцеларија за бродбенд компетентност, на 28 ноември 2019 година, одржа работна средба со Гоце Талевски, директор на ИТ во МЕПСО и Јасмина Спасовска, проект менаџер во МЕПСО. Тие информираа за нивните активности и планирани идни чекори поврзани со реализација на проектот Balkans Digital Highway, нагласувајки дека плановите се во насока на модернизација на опремата од причина што постоечката е застарена.

Проект менаџерот на МЕПСО, Јасмина Спасовска, нагласи дека поднесената апликација до WBIF е со цел добивање на  експертска помош за процена на капацитетите на нивната мрежа, во чии рамки се и земјите од регионот: Албанија, Косово и Црна Гора. Претставниците на МЕПСО потенцираа дека компанијата нема амбиции за нудење на сервиси или за ширење на дејноста во насока да станат телеком оператор во блиска иднина.

На средбата беше констатирано дека при идното планирање и модернизација на опремата на МЕПСО, треба да се има предвид и можноста за споделување на капацитетите со МРД. Во однос на тоа, од страна на МЕПСО беше искажана волја за целосна кооперативност, нагласувајки дека доколку им бидат дадени конкретни податоци  и информации од страна на МРД за идната планирана НТОМ мрежа, тие би можеле да излезат во пресрет согласно нивните можности.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, укажа на потребата при подготовката на физибилити студијата, АД МЕПСО да ги има предвид потребите на НОБП.