Состанок на НКБК со оператори и други субјекти од областа на бродбендот

На 11 декември 2019 година, во Клубот на пратениците во Скопје се одржа работен состанок на Националната канцеларија за бродбенд компетентност со операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и други субјекти чија дејност е поврзана со развој на бродбендот.

На почетоток претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, низ презентација ја образложи причината за формирање на НКБК, односно дека тоа произлегува од барањата на ЕУ, но и согласно Националниот оперативен бродбенд план (НОБП). Исто така, Буковалов ги презентира законските надлежности на НКБК, досега преземените активности на Националната канцеларија од формирањето, со отчетноста и транспарентноста на телото, како и  идните краткорочни планови за периодот декември 2019 – јануари 2020 година.

Присутните ја поздравија иницијативата на НКБК да одржува состаноци со сите оператори и други субјекти од областа на бродбендот, истакнувајќи ја притоа транспарентноста во процесот како позитивен сигнал за идните активности.

Тие се интересираа за повеќе прашања поврзани со развојот на бродбендот во државата, меѓу кои конкурентноста на пазарот, висината на надоместоците кои ги издвојуваат за јавните институции, помошта кои операторите би ја добивале при спроведувањето на нивните активности и сл.

Претседателот на НКБК упати апел до сите субјекти чии активности се поврзани со развојот на бродбендот во иднина да се консултираат со Националната канцеларија за бродбенд компетентност, доколку е потребно да побараат став, мислење или препорака за прашања од заеднички делокруг на работа, со што процесите ќе бидат подобро координирани и транспарентни.

Покрај операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, на состанокот учество зедоа и претставници на МЕПСО, ГА-МА, ЈП Македонска радиодифузија, ЈП Македонски железници, Македонски енергетски ресурси (МЕР), Агенцијата за електронски комуникации, ЈП Државни патишта, Министерството за финансиии, Министерството за транспорт и врски и др.