НКБК дискутираше за поимникот на термини од ИКТ технологијата

На седницата на Националната канцеларија за бродбенд компетентност, одржана на 20 декмеври 2019 година, се покрена прашањето за поимникот на термини од ИКТ технологијата, кое го образложи надворешниот соработник, Николче Мицкоски, како експерт од соодветната област. Тој констатира дека постоењето и користењето на поимникот на зборови од ИКТ технологијата е од исклучителна важност за правилно користење на македонските поими за определени термини од англиското говорно подрачје.

Како што појасни, треба да се настојува да се избегне буквален превод на термините од англиски на македонски јазик, кој би бил разбирлив само за потесен круг луѓе, и истите треба да бидат соодветно преведени и прилагодени на македонскиот јазик. Целта е таа терминологија доследно, официјално и  унифицирано да се користи во сите институции, како и образовни установи.

Претседателот на НКБК, Буковалов, ги информираше присутните дека на веб страната на НКБК веќе е поставен поимникот за Единствен дигитален пазар на ЕУ, во кој се објаснети најважните релевантни поими. Николче Мицкоски, се заложи мислењата, предлозите и одлуките кои произлегуваат од работата на телото терминолошки да ги прилагоди со ИТ поимите на стандардизираниот македонски јазик.