Претставници на АЕК и членови на работната група за Анализа на постоечката инфраструктура на седница на НКБК

На 27 декември 2019 година, Националната канцеларија за бродбенд компетентност одржа уште едно продолжение на втората седница на која акцент беше ставен на потребата за ревидирање на белите/сиви/црни зони во државата, како и на потребата од мапирање на користењето на услугата пристап до интернет по населени места.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, истакна дека за да се почне со подготовка на Студија за изводливост за Националната транспортна оптичка мрежа на територијата на цела држава, потребно е претходно да се направи мапирање на јавните институции, бесплатни wifi точки во општините, како и ажурирање на претходно утврдените бели/сиви зони (согласно мапирањето од 2018 год), додавајќи дека доколку не бидат обезбедени средства од меѓународни фондови, се планира финансирање на подготовката на Студијата да се обезбеди од буџетот.

Синиша Апостолоски од АЕК истакна дека Агенцијата за електронски комуникации, согласно подготовката на Националниот оперативен бродбенд план, во 2018 година направила мапирање и ги утврдила белите, сивите и црните зони, според податоците добиени од операторите. Врз основа на истиот принцип и истата методологија може да се побараат податоци за ажурирање на зоните.

Во рамките на дискусијата околу потребата од мапирање на користењето на услугата пристап до интернет по населени места беше утврдено дека потребно е прво да се направи мапирање на ниво на  населено место, а по воспоставувањето на адресен регистар да се направи мапирање на користењето на услугата на ниво на  домаќинство. Зоран Алексов од АЕК информираше дека е во фаза подготовка на Правилник за ТК мрежи, врз основа на кој ќе може да се врши прецизно мапирање на ниво на домаќинство.

Во продолжението на седницата на НКБК, учество зедоа членови на Меѓуресорската работна група надлежна за подготовка на Анализа за состојбата на оптичката инфраструктура изградена со јавни средства.

За динамиката и работата на работната група реферираше претседателот Имер Далипи, кој нагласи дека се прибрани податоци од повеќе иматели на инфраструктура изградена со јавни средства, како постоечка, така и планирана за наредните три години.

Во рамките на оваа точка беше заклучено членовите на НКБК да достават информации за кои дополнителни податоци треба да им се побараат на институциите кои управуваат со оптичка инфраструктура изградена со јавни средства.