НКБК ќе побара дополнителни податоци за оптичка инфраструктура изградена со јавни средства

Националната канцеларија за бродбенд компетентност на 17 јануари 2020 година ја одржа четвртата седница, во рамките на која презентација одржа членот на НКБК, Зоран Дервишов. Тој ја претстави работната верзија на табеларниот приказ врз основа на кој јавните институции ќе треба да достават дополнителни и подетални податоци за оптичките кабли, кабелската канализација и кабелските окна, за потребите на меѓуресорската работна група за подготовка на Анализа на постоечката оптичка инфраструктура.

Целта на оваа активност е во еден табеларен приказ да се наведат сите податоци кои се однесуваат на оптичките кабли и оптичката канализација.

Во продолжението на седницата претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, наведе дека треба да се отвори прашањето кои податоци во однос на постојната оптичка владина мрежа треба да се третираат како  класифицирани. Националната оптичка транспортна мрежа (НТОМ) која ќе ја гради ЈП МРД, оптички ќе ги поврзе сите јавни институции (министерства и други јавни институции). Постојната Владина оптичка мрежа ќе треба да се интегрира со НТОМ. Во таа насока, од особена важност е кога ќе се димензионира НТОМ претходно да се имаат податоците за постојната Владина оптичка мрежа (да не се дуплира поставувањето, да се користат слободните влакна итн).

Надворешниот експерт и соработник на НКБК, Милан Николовски, оцени дека на овие податоци треба да им се даде степен на тајност за пошироката јавност, но дека истите треба да им бидат достапни на експертските тела заради надлеженостите во соодветната област.