Воспоставување принцип за унифицирана евиденција на инфраструктурата изградена со јавни средства

Националната канцеларија за бродбенд компетентност на 31 јануари 2020 година го одржа второто продолжение на четвртата седница, во рамките на која членот на  НКБК, Зоран Дервишов, направи презентација со детална експликација на предлог обрасците за попис и на Упатството за достава на податоци за постоечка и планирана оптичка инфраструктура изградена со јавни средства.

Во текот на дискусијата се отвори прашањето и потребата за дефинирање на стручните термини во доменот на градење оптички мрежи како што се: спојница, окно, траса и слично. Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, ја нагласи потребата за подготовка на поимник на технички поими/изрази, при што беше предложено да се направи список на термини, на кои Николче Мицковски како надворешен соработник-експерт на НКБК ќе даде соодветни еквиваленти.

Надворешниот соработник, Милан Николовски, потенцира дека со овој пристап на барање податоци од јавните институции кој истовремено прецизно ќе ја дефинира и терминологијата, државата ќе воспостави принцип/правило со кое имателите   на оптичка инфраструктура ќе водат стандардна и унифицирана евиденција на инфраструктурата со која располагаат.