Измена на образецот за Извештајот и подготовка на препораки при изградба/користење на кабелска канализација

Потребата од промена на “Образецот за формата и содржината која треба да ја содржи Извештајот за развој на бродбенд пазарот согласно DESI“, како и подготовката на препораките за поставување односно користење на постојна оптичка кабелска канализација изградена со јавни средства беа главните теми за дискусија на седмата по ред седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), која заради вонредната состојба во земјата се одржа online на 28 април 2020 година.

Членот на НКБК, Славица Настеска, појасни дека промената на Образецот ќе биде потребна во точката 2, со цел да се направи реорганизирање на податоците за да се овозможи поедноставна компарација на податоците за индикаторот „покриеност“ за РСМ со соодветните на државите од ЕУ.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, направи кратка презентација за подготовката на препораките за поставување/користење постојна оптичка кабелска канализација изградена со јавни средства. Тој истакна дека предлог препораките произлегуваат од НОБП, а во насока на задоволување на потребите за иградба на оптичките мрежи (транспортни и пристапни) согласно НОБП  како и за идните потреби на државата за развојот на информатичкото општество.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, напомена дека сите препораки кои ќе бидат доставени до министерот за информатичко општество и администрација и до Владата, треба да бидат прецизни и со јасни формулации, бидејќи истите ќе бидат предмет на усвојување од страна на Владата, по што ќе следи нивно облигаторно  користење и понатамошно постапување од страна на јавните институции/претпријатија.

Членовите на НКБК се согласија дека дел од препораките треба да бидат составен дел од пакетот закони за градење, како обврска за субјектите од соодветната област.