Усвоен Извештајот и заклучоците од мапирањето на постоечки и планирани бродбенд мрежи

Во рамките на 25-та седница одржана online на 11 март 2021 година, членовите на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), едногласно го усвоија Извештајот и заклучоците од спроведеното мапирање на постоечки и планирани бродбенд мрежи на операторите, состојба на крајот од 2020 година.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, образложувајќи ја содржината на материјалот напомена дека пандемијата придонесе за забрзување на развојот на фиксни брзи и ултрабрзи мрежи. Тој додаде дека операторите ги реализираат најавените инвестиции во согласност со податоците за планирани инвестиции од 2018 година. Ако се задржи трендот на изградба на фиксни брзи мрежи од претходните две години, Дервишов рече дека реално е да се очекува до крајот на 2023 година, да се достигне планираниот број од 87,19%, кои ќе имаат пристап до брзи бродбенд мрежи.

Според него, ако се задржи трендот на изградба на фиксни ултрабрзи мрежи од претходните две години, планираниот број од 75,06%, кои до крајот на 2023 година треба да имаат пристап до фиксни ултрабрзи мрежи, би можел да биде достигнат и порано. Сепак, очекувањата се дека трендот за изградба на нови мрежи ќе опадне во моментот кога операторите ќе ги покријат областите во кои има минимален економски интерес за инвестиции.

Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов отвори дискусија и за предлог Правилата за утврдување збирки податоци потребни за  поддршка на процесите на планирање и проектирање на бродбенд мрежи, согласно усвоени национални  планови/стратегии на Владата и привилегии за пристап до истите.

Дервишов, го претстави драфт документот потенцирајќи дека станува збор за комплексен процес во кој треба да бидат вклучени повеќе институции.

Инаку, клучна улога во обезбедување на податоците за изработка на Студија на изводливост и проекти за изградба на Националната транспортна оптичка мрежа (НТОМ) имаат ЈП Македонска радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации.