НКБК го усвои третиот Извештај за развојот на бродбендот и спроведување на НОБП

Националната канцеларија за бродбенд компетентност на 26-та редовна седница одржана на 31 март 2021 година, едногласно го усвои третиот по ред Извештај за развој на бродбендот во државата и спроведување на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП).

Претседателот на телото, Димитар Буковалов, истакна дека согласно Законот за електронски комуникации Извештајот содржи три целини: првиот дел го опфаќа Извештајот за спроведување на усвоени стратешки документи и планови за развој на бродбендот во државата, односно на НОБП, вториот дел е Извештај и заклучоци од спроведено мапирање на постоечки и планирани бродбенд мрежи на операторите, состојба на крајот на 2020 година и третиот – Извештај за развој на бродбендот во државата споредено со развојот во земјите членки на ЕУ, а согласно DESI индикаторите.

Буковалов додаде дека активно учество во подготовката на Извештајот имаа и Агенцијата за електронски комуникации и ЈП Македонска радиодифузија, со спроведени активности во рамките на имплементацијата на НОБП.

Членот на НКБК, Славица Настеска, од своја страна истакна дека со овој извештај се бележи напредок во поглед на брзината на собирање на податоците, како и нивниот квалитет.

На седницата беше заклучено дека во наредниот период НКБК ќе организира состанок со претставници на Агенцијата за електронски комуникации на кој ќе се дискутира за повеќе точки кои произлегуваат од извештајот.