Позитивно мислење на НКБК за Информацијата за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини

Информацијата до Владата за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини, беше тема на дискусија на 32-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), одржана на 20 јули 2021 година, за која беше дадено позитивно мислење.

Претседателот на телото Димитар Буковалов, истакна дека при изработката на текстот на Информацијата се земени предвид релевантни документи, како што се: Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024, Националниот оперативен бродбенд план, Надлежностите на ЈП МРД согласно  Законот за основање на ЈП МРД, Препораките на НКБК  за обезбедување бесплатен државен WiFi и сл.

Членот на НКБК, Анастас Мишев, укажа на потребата да се направат одредени допрецизирања  во текстот на Информацијата (на пример: да стои терминот “рамка на технички карактеристики“ на безжичните WiFi точки, потребата од обезбедување роаминг помеѓу WiFi точките да се дискутира на јавните состаноци со операторите, итн).

Независниот експерт Сашо Стојковски истакна дека цената на чинење и времетраењето за поставување на WiFi точките на одредена локација ќе зависи најмногу од веќе инсталираната опрема/мрежа на операторите во таа област.  Исто така, тој информира дека во Македонски Телеком во фаза е разработка на проект Скопје Смарт сити, со кој проект е предвидена инсталација на одредени WiFi точки.