Усвоен Четвртиот Извештај на НКБК за развој на бродбендот во државата

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), на 34-та редовна седница одржана на 30 септември 2021 година, го усвои четвртиот Извештај за развој на бродбендот во државата (согласно DESI) и спроведување на Националниот оперативен бродбенд план (НКБК), за периодот април –септември 2021 година.

Членот на НКБК, Славица Настеска, истакна дека Извештајот е организиран во неколку делови: активности во врска со имплементацијата на НОБП, развој на бродбенд пазарот во државата преку споредба на DESI индикаторите од државите од ЕУ, а започнувајќи од овој извештај и следење на дигиталниот јаз во државата преку број на домаќинства во белите, сивите и црните зони.

Во делот за споредба на состојбата на бродбенд пазарот во Македонија со европските држави преку DESI индикаторите, за прв пат со овој извештај е дадена состојбата за покриеноста со бродбенд мрежи во државата според класификацијата на населените места од Државен завод за статистика на рурални и урбани населени места, со што се направи хармонизација со извештаите за покриеност со бродбенд мрежи во европските држави. Исто така, во извештајот е даден детален преглед и анализа за состојбата во државата споредено со државите-членки на ЕУ за сите индикатори во димензијата „Поврзливост“: покриеност со бродбенд мрежи фиксни и мобилни, распространетост на бродбенд услуги според брзина и технологија, ценовен индекс итн.

Врз основа на податоците од извештајот :

– Населени места без ниту една NGA мрежи за брз бродбенд или за ултрабрз бродбенд (бели зони) се наоѓаат во руралните средини во државата.

– Најголем број од населените места во кои има само една NGA мрежа за брз бродбенд (сиви зони) се наоѓаат во рурални места, додека постои значителен број на населени места во урбани средини кои имаат само една NGA мрежа за ултрабрз бродбенд.

 – Населени места во кои има најмалку две NGA мрежи за брз бродбенд и за ултрабрз бродбенд (црни зони) главно се наоѓаат во урбаните средини.