Дискусија за Правилникот на АЕК околу начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), во рамките на 35-та редовна седница одржана на 22 октомври 2021 година, дискутираше за изменувањето и дополнувањето на Правилникот на Aгенцијата за електронски комуникации за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства. На седницата присуствуваа и претставници на АЕК кои ги образложија предложените измени на подзаконскиот акт.

Претставникот на АЕК, Борис Арсов, истакна дека постапката за измена на Правилникот е започната минатата година, но поради објективни причини (ковид пандемијата и сл.), процесот на изготвување на овој подзаконски акт е забавен.

Зоран Алексов од АЕК потенцира дека во правилникот се предвидуваат промени во начинот и формата за собирање на податоците и добивањето на извештаите од операторите (наместо да се добиваат збирни податоци од операторите, сега би се добивале поединечно за секој приклучок). Исто така Алексов истакна дека овие измени се прават согласно БЕРЕК препораките.

Членот на НКБК, Славица Настеска, предложи во правилникот да се додаде обврската за операторите да доставуваат податоци за покриеност, со цел во следниот Извештај за развој на бродбенд на пазарот кој го изготвува НКБК да се следат сите четири индикатори за покриеноста.

Претседателот на телото, Димитар Буковалов истакна дека правилникот може да се подели на два дела; првиот за изградбата на инфраструктурата и вториот дел за добивањето на информации од операторите.