Предлози за измени и дополнувања на членови од предлог Законот за безбедност на мрежи и информациски системи

Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) на 36-та редовна седница одржана на 28 октомври 2021 година, ги усвои предлозите за измени и дополнувања на членови од предлог Законот за безбедност на мрежи и информациски системи.

Претседателот на  телото, Димитар Буковалов, истакна дека предлозите на НКБК по однос на предложениот текст на законот се во насока на усогласување со: предлог текстот на Националната ИКТ стратегија, Националниот оперативен бродбенд план усвоен од страна на Владата во 2019 година, Законот за основање на ЈП МРД, Програмата за работа на Владата 2020-2024, како и со  Законот за електронските комуникации и претходни мислења и препораки усвоени од НКБК.

Во текот на седницата од страна на членовите на телото се отвори дискусија по однос на предлог – законот, особено во однос на членовите 27 и 28 од глава IV – поврзување на јавни институции, како и член 25 поврзан со надлежностите на Дигиталната агенција во врска со владината оптичка мрежа. Исто така, се направи ревизија на претходно доставените дефиниции во состав на предлог законот, на начин што финалниот предлог содржи сублимирани дефиниции за: НТОМ, обезбедување на физичка инфраструктура, физичка инфраструктура на НТОМ и на електронска комуникациска мрежа за потребите на јавните институции.