Подготовка на препораки за Правилникот на AEK за начинот на изградба на јавните комуникациски мрежи

На 12 ноември 2021 година, Националната канцеларија за бродбенд компетентност ја одржа 37-та редовна седница на која се дискутираше за подготовката на препораки/мислење по однос на измени на Правилникот на AEK за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства.

Претседателот на НКБК, Буковалов истакна дека Правилникот треба да пропише правила за практично и ефикасно постапување и спроведување по барање на оператор за заедничкото користење на мрежи и средства од друг оператор (на пример слободен простор во кабелска канализација, антенски столбови, комуникациски кабли/оптика внатре во згради, друга физичка инфраструктура итн). Правилникот ќе треба да се применува во фазите на планирање, проектирање, градење, употреба и одржување на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, истакна дека стандардите и техничките спецификации не треба да бидат составен дел на правилникот, а дека во Правилникот треба само да се референцира до истите.Тој додаде дека опфатот на овој правилник треба да биде во две насоки и тоа: обезбедување заедничкото користење на мрежи и средства, како и начин на добивање на податоци за постоечка и планирана инфраструктура од операторите.