Дискусија за предлог мислењето на НКБК за Правилникот на AEK за изградба на јавните комуникациски мрежи

Во рамките на 38-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност која се одржа на 29 ноември 2021 година, се водеше дискусија за измените на Правилникот на АЕК за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства.

Претседателот на телото Димитар Буковалов појасни дека на барање на АЕК, НКБК изготви предлог мислење за измени на правилникот што беше доставено до членовите и надворешните стручни лица, сите конструктивни предлози и забелешки без земени предвид и станаа составен дел на мислењето.

Генерален став во мислењето е дека Правилникот треба да пропише правила за заедничко користење на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства кои ќе треба да се применуваат во фазите на планирање, проектирање, градење, употреба и одржување на истите. Затоа, целта и предметот на регулација треба да се променат, како и опфатот на податоците кои би се барале од операторите.

Исто така, во предлог мислењето на правилникот се содржани три дополнителни препораки : 1. Правилникот не може да се содржи материја која веќе е уредена со Законот за градење, 2.  Листата на стандарди  треба да биде изземена од правилникот бидејќи согласно ЗЕК треба да биде објавена на веб-страната на АЕК 3. Податоци не смее да се бараат од оператор пред или како услов за обезбедување на комуникациските мрежи и истите треба да бидат пропорционални и објективни за целта за која ќе се употребат.