НКБК одржа работен состанок со министерот Алиу

Членовите на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК) на 28 април 2023 година, одржаа работен состанок со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Претседателот на телото, Димитар Буковалов, го информираше министерот за досега преземените активности, донесени мислења и препораки на НКБК во насока на спроведување на обврските од Националниот оператиевн бродбенд план (НОБП). Тој истакна дека моментно се работи на изработката на седмиот по ред DESI извештај за развој на бродбендот, очекувајќи ги што поскоро податоците од Агенцијата за електронски комуникации неопходни за составување на извештајот.

Исто така, на состанокот се дискутираше за подготовката на Студијата за изводливост за воспоставување на Националната транспортна оптичка мрежа (НТОМ), која треба да почне со своја реализација.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов се осврна на активностите околу доставување на податоци за постоечки и планирани мрежи на операторите до АЕК, како битна активност околу мапирањето, како и реализацијата на Студијата за изводливост. Беше истакната потребата да се направи соодветен урнек и да се достави до општините, согласно кој тие треба да информираат за нивните мрежи.