Анализа на техничката понуда на конзорциумот COWI за подготовка на Студија за изводливост за НТОМ

Во рамките на 65-та редовна седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), која се одржа на 17 мај 2023 година, беше направена анализа на содржината на техничката понуда на конзорциумот COWI  избран од Европската Комисија за подготовка на Студија за изводливост за воспоставување на НТОМ, согласно НОБП. Беа разгледани клучните засегнати страни, таргетите, ризиците и активностите кои следат.

Претседателот на телото, Буковалов појасни дека достапноста и валидноста на податоците од Агенцијата за електронски комуникации и ЈП Македонска радиодифузија се клучни за успешноста на овој процес, додека членот на НКБК, Зоран Дервишов, потенцира дека мапирањето на постојна и идна бродбенд инфраструктура од страна на операторите оди со бавно темпо и тоа може да биде сериозен ризик за успешноста на процесот.

Во контекст на ова, НКБК одлучи да го информира министерот за информатичко општество и администрација за состојбата со процесот на мапирање на постојна и идна бродбенд инфраструктура од страна на операторите и со ажурирањето на податоците во Единствената точка за информации на АЕК, а Агенцијата за електронски комуникации и ЈП Македонска радиодифузија да номинираат контакт лица/претставнци кои ќе комуницираат со експертите на конзорциумот COWI  при подготовката на Студијата за изводливост за воспоставување на НТОМ.