Членовите на Националната канцеларија за бродбенд компетентност, на 68-та седница одржана на 14 јули 2023 година, едногласно го усвоија Седмиот Извештај за развој на бродбендот во државата (согласно DESI) и спроведување на НОБП.
Членот на НКБК, Славица Настеска, направи преглед на содржината на подготвениот извештај. Тој ги опфаќа спроведените активности на НКБК во имплементацијата на НОБП, како и активностите на Агенцијата за електронски комуникации во спроведувањето на НОБП. Во делот на извештајот од спроведеното мапирање на постоечки и планирани бродбенд мрежи на операторите карактеристичен е податокот според кој 88,8 % од домаќинствата во земјата имаат можност за пристап до брзи бродбенд мрежи , додека 73,67 % од домаќинствата имаат пристап до ултра брзи бродбенд мрежи. Исто така, 15,3 % од домаќинствата се наоѓаат во бели зони, а 69,8% во црни зони.
Во продолжение на извештајот се наоѓаат и податоците кои се однесуваат на индикаторите за димензијата „Поврзливост„ како и споредбата со индикаторите на земјите членки од ЕУ. Тој ги содржи и податоците за вкупната распространетост со фиксен бродбенд, бројот на претплатници со фиксен бродбенд по пристапна брзина, бројот на активни корисници на услуги врзани во пакет, конкуренцијата на пазарот на фиксен бродбенд, распространетоста на мобилен бродбенд, како и ценовниот индекс за бродбенд.