Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), на 28 ноември 2023 година ја одржа својата 73-та редовна седница, на која се направи евалуација на досегашната стручна помош од членовите на НКБК во подготовката на новиот Закон за електронски комуникации и на новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.
Во однос на новиот Закон за електронски комуникации претседателот на телото, Димитар Буковалов, истакна дека поминати се повеќе поглавја, при што како релевантни се земаат предвид предлог регулативата Gigabit Infrastructure Act, која што се уште е во фаза на јавна расправа во телата на ЕУ, како и усогласувањето со Директивата на ЕУ за електронски комуникации (CODE Directive). Буковалов потенцира дека работната група ги има сработено деловите за намалување на трошоците за градба на јавни електронски мрежи, обезбедување на конкуренција, обврски на операторите со значителна моќ на пазарот (SMP -Significant Market Power), универзалната услуга и сл.
Паралелно со подготовката на законот, во изминатиот период се работеше и на обезбедување пристап до Единствената точка на информации (ЕТИ) за консултантите што работат на Студијата за изводливост за воспоставување на Национална транспортна оптичка мрежа (НТОМ), при што сега консултантите имаат пристап до ЕТИ и Системот за поддршка на имплементацијата на Националниот Оперативен бродбенд план (НОБП), што се ГИС платформи воспоставени во Агенцијата за електронски комуникации за телекомуникациска инфраструктура.
Буковалов информираше и за завршната фаза околу подготовката на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, кој по одржаната втора јавна расправа и усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, тој ќе биде поставен на ЕНЕР.