Дискусија за прогресот во прибирањето на податоци од страна на АЕК

Во рамките на 16-та седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), одржана на 26 ноември 2020 година, претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, потсети на значајноста на процесот за прибирање на податоци кој ќе овозможи ажурирање на белите, сивите и црните зони, како и мапирање на услугата користење на услугата пристап до бродбенд на ниво на населено место (од аспект на брзина и технологија). Тоа е неопходно за почеток на подготовката на Студијата за изводливост за изградба на Националната транспортна оптичка мрежа.

Борис Арсов, раководител на Сектор во АЕК, надлежен за овој процес, информираше дека со  набавката на современ хардвер и софтвер ќе се овозможи пософистициран систем за ажурирање на податоците кои се добиваат од операторите, а се очекува во рок од две недели новиот систем целосно да биде во функција. Во меѓувреме, завршена е обуката на вработените во АЕК, кои ќе имаат работни активности поврзани со новиот систем.Во однос на процесот на ажурирање на белите, сивите и црните зони, како и процесот на мапирање на услугата користење на услугата пристап до бродбенд на ниво на населено место, Арсов извести дека до средината на декември оваа година треба да заврши процесот, а Буковалов истото го оцени како исклучително брзо.

Членот на НКБК, Зоран Дервишов, потенцира дека новиот систем овозможува постапката за ажурирање на бели, сиви и црни зони да се врши многу брзо, за речиси неколку минути. Тој очекува операторите да ги достават податоците најдоцна до 15 декември годинава. Членот на НКБК, Славица Настеска, од своја страна предложи кога ќе се наполни системот со податоци од операторите да се направи презентација со визуелизација како функционира системот што беше прифатено од претставникот на Агенцијата за електронски комуникации.
На крајот од дискусијата, НКБК донесе заклучок Агенцијата за електронски комуникации да подготви презентација на новиот систем кон средината на декември 2020 година.